Во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ – Штип, изведувањето на наставата во образовната компонента се реализира според концептот за реформирано гимназиско образование.

Со голема чест и гордост го носиме името на штипскиот визионер, идеолог и револуционер Славчо Стојменски, кој на 11 октомври 1953 година е прогласен за народен херој и патрон на нашето училиште. Долгогодишната традиција на училиштето започнува во далечната 1913/14 година, кога за прв пат е отворено како нижа гимназија, го носела името Српска кралска гимназија и работи како неполна гимназија. За прв нејзин директор бил наименуван Трипковиќ Лазар кој работел од 1913 до 1921 год.

Во учебната 1944/45 год. гимназијата наставната работа ја започнала како установа на Штипската област и Обласниот НОО во Штип. Се отворил и интернат во состав на гимназијата. Во тоа време како директори работеле: Настев Панче, Ташков Атанас, Мојсов Јован, Димитар Шопов и др. Овој период по ослободувањето е значаен зошто училиштето работи со ученици од први до осми клас.

По учебната 1956/57 год. се школувале само ученици од петти до осми клас, односно од први до осми клас, а учениците од петто до осмо одделение ќе се приклучат кон новообразованите осмогодишни училишта во градот.

Во периодот од 1967/68 год. бил донесен Закон за гимназиите. Штипската гимназија работела со две насоки: гимназиска и економска, во кои биле запишани ученици од први до четврти клас. Тие биле распоредени во следните насоки: општо-гимназиска, математичка, општествено јазична, економска и природно-математичка. Во тоа време, па се до 1984 год. како директор бил Александар Аговски.

Во Учебната 1982/83 бил донесен Закон за средно насочено образование, кој започнал да се применува од учебната 1983/84 год. Во училиштето се запишале 848 ученика, распоредени во 20 паралелки. На училиштето за средно образование во Штип му биле доделени следните насоки: математика со информатика, основи на градежништвото, македонски јазик со марксизам и македонски јазик со странски јазици. Во тоа време долгогодишниот директор Александар Аговски заминал во пензија, а за нов директор била избрана Милена Кокотова. После нејзиното заминување од функцијата директор, како 22 по ред е назначен Глигор Анастасов, кој раководи до 1999 година. До 2002 година раководната функција ја имаат уште двајца Директори: Панов Боце и В.Д Арсова – Нехтенина Ефче.

По 1991/92 год. училиштето работи само како гимназија со ученици од прва до четврта год. Од учебната 2000/01 се воведува реформирано гимназиско образование, застапено со две подрачја: природно-математичко и општествено-хуманистичко. Во учебната 2004/05 год. излегува првата генерација од ова образование, а генерацијата од учебната 2007/08 год. треба да започне со полагање на државна и училишна матура.

Во сите периоди од постоењето на училиштето, играло важна улога во животот и развојот на Штип и Штипско. Високо стручниот кадар давал голем придонес во развојот на просветата и културата на градот и пошироко. Штипската гимназија дала четири Народни херои во НОВ и Револуцијата: Ванчо Прке, Славчо Стојменски, Михајло Апостолски и Љупчо Арсов. Гимназијата дала и голем број на други луѓе кои во најтешките денови од развојот на државата ја презеле одговорноста во свои раце. Доволно е да се споменат: Михајло Апостолски, Александар Грличков, Киро Глигоров, Ацо Шопов, Димче Беловски, Михаил Ренџов, Методи Чепреганов, Жан Митрев и многу др. кои излегоа од гимназиските клупи, станаа доктори и доктори на науки во најразлични области кои денес се светски признати и ценети за својот придонес што го дадоа за развојот на научната теорија и пракса.

Посебен стратешки развој и во надворешната и во внатрешната структура, гимназијата, како воспитно – образовна институција, доживеа последните четири години, кога во учебната 2002/03 година, за нејзин Педагошки раководител ( како 24 по ред) е назначен Ристо Петковски, кој во 2007 и 2009 година, локалните медиуми му доделија Признание и беше прогласен за Менаџер на годината. Во декември 2010 год. се закити и со наградата на град Штип, 19-то декемвриско признание, доделено од Градоначалникот на Општина Штип, г. Зоран Алексов.

Со името на Гимназијата „Славчо Стојменски“, со нејзиниот историјат, традиција и постоење се поврзани голем број на награди и признанија (групни и поединечни), кои претставуваат гордост и за градот Штип. Признанието 8 – ми Ноември на град Штип, за постигнати особени резултати со својот ангажман во правец на афирмација на град Штип, за 2006 година, е веќе дел од нашето постоење.

Во личната карта на училиштето влегува и новата спортска сала (свечено пуштена во употреба за учениците во септември 2009 година), која после цели шеесет години, го доби своето ново руво, преку нејзиното целосно реконструирање и опремување со нови и безбедни спортски реквизити. Исто така, сведок за постоењето на гимназијата е и добиената највисока оценка (Мн. Добар 4) од страна на Инспекцискиот надзор, на Интегралната евалуација, во март, 2011 год.