Што е ИО Еквинокс и што се извидници?

Доколку уживате да запознавате на нови луѓе, да испробувате нови нешта, да се надоградувате, да поминувате време во природа и да кампувате, да бидете активни граѓани, да помагате на другите, сакате да бидете дел од една огромна приказна, извидништвото е вистински избор за вас! 

Извидништвото претставува најмасовно младинско движење со над 55 милиони членови ширум светот. Основач на извидничкото движење е Лорд Роберт Баден Пауел и истото го започнал во 1907 година со експериментален камп за момчиња на островот Браунси во Англија.  Во почетоците, извидништвото било наменето само за момчиња, а извидничкото движење за девојчиња го започнала сопругата на Роберт, Оливија. Извидништвото преку неформална едукација ги подготвува младите извидници да стекнат вештини за снаоѓање како во природа, така и во секојдневниот живот, и истото се заснова на извиднички закони и принципи. 

Извиднички Одред Еквинокс Скаут – Штип е младинска неполитичка граѓанска организација, која е основана на 14 март 2018 година. Во моментот, во И.О. Еквинокс околу 90 млади на различна возраст. Моментален претседател на организацијата (старешина на одред) е Тошиќ Дарко, а пак началник на програма е Бојан Андонов.  

Функционирањето се базира на неделни состаноци и активности, каде членовите се поделени во патроли (помали групи). Покрај редовните состаноци, во текот на целата година се спроведуваат разни акции и кампови  заедно со други одреди и организации, интернационални кампови и дружби.

 Основни активности на одредот се: Неформално образование за млади луѓе користејќи го извидничкиот метод.

– Атрактивна програма за млади со многу активности во природа кои ќе oбезбедат развој на интелектуален, психички, духовен, социјален, карактерен и емотивен аспект на секој млад човек.

– Промовирање на активно граѓанство.

– Промовирање на младински активизам и иницијативизам.

– Поддршка во развој на заедницата на локално и национално ниво.

– Промоција и практикување на демократијата и човечките права преку стимулативни средби и процеси.

– Поддршка на други младински организации, младински мрежи и заедничка работа со институции.

Член на одредот може да стане секој жител на Република Македонија со давање Завет, прифаќање и спроведување на Програмата на oдредот и СИМ (Сојуз на Извидници на Македонија), работење по Извидничките Закони, активно учество во работата одредот. 

Според возраста, членовите во одредот се поделени во пет категории и тоа:

а) Развигорци – од 7 до 11 години;

б) Извидници – од 12 до 15 години;

в) Истражувачи – од 16 до 18 години;

г) Ровери – од 19 до 29 години;

д) Сениори – над 29 години

Сакате да станете дел од И.О. Еквинокс Скаут?

Мисијата на  одредот е да придонесе во образованието на младите луѓе низ систем на вредности засновани врз Извидничкиот Завет и Закони, да помогне во изградба на подобар свет каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството. Целта на  одредот е да придонесува во развојот на младите луѓе, во достигнувањето на нивните потполни физички, интелектуални, општествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како членови на нивните локални и национални заедници, како и меѓународната заедница.

Доколку сте заинтересирани да ни помогнете во исполнувањето на нашата цел можете да не контактирате на:

Профили на одредот:  Facebook, Instagram

Емаил: ekvinoks.scouts@gmail.com

Контакт тел. : +38978437876