Хуманистички елементи во ликот на Андреј Соколов

Нешто што остава најголема лузна во едно општество е војната. Остава голем број жртви зад неа. Растурени семејства, деца сирачиња, разделени љубовници. Трагите од војната, на еден многу реалистичен начин, испреплетено со многу хуманистички елементи е тема за пишување на рускиот реалист Михаил Шолохов. На маестрален начин Шолохов допира до срцето на читателот опишувајќи ја судбината на Андреј Соколов.

„Судбината на човекот“ или попрецизно судбината на Андреј Соколов ни дава детали за животот на Соколов уште од негова најрана возраст. Тој бил сираче, кое успева да се издигне во животот. Создава семејство со својата прекрасна Иринка, чија љубов го води низ животот. При примораната нивна разделба, Иринка како да претчувствува дека тоа е нивно последно видување. Во целата таа сурова реалност која ни ја опишува Шолохов наидуваме на момент на искрена љубов. И навистина тоа ќе биде нивно последно видување. За време на војната, кога Соколов се наоѓа во германските логори постојано се присетува на Иринка и нивните три дечиња, и се преколнува за начинот на којшто од себе ја оттргнал својата сакана сопруга. Во логорите пак, каде што луѓето повеќе не можеме да ги наречеме луѓе, бидејќи ги губат сите човечки права, постојат моменти каде сепак се согледува хуманата човечка природа. Желбата да се помогне на „пријател“ во неволја. Исто како што еден случаен доктор му помогнал на Соколов во глувата темница. Соколов успева во повеќе наврати да ја избегне смртта. Вака или онака, успева да извлече жива глава и да се врати на руската страна од фронтот. Целиот среќен дека конечно е поблиску до саканите, Соколов додека е во болница и’ ја пишува оваа радосна вест на Иринка. За жал не добива повратен одговор од Иринка, туку од нивниот сосед. Добива вест која целосно му го крши срцето. Го распарчува. Неговата куќа, заедно со Иринка и двете ќерки во неа, била бомбардирана. За момент, Соколов губи целосна надеж во животот. Во целата таа несреќа, добива и среќна вест. Неговиот единствен син успеал да стане почесен руски офицер. Таткова гордост. Повторна надеж. За жал оваа среќа ќе трае само кратко. Повторната „средба“ на таткото и синот ќе биде на погребот на Анатолиј. Што понатаму? Во целата оваа трагичност, Соколов не’ изненадува со неговата истрајност и храброст да продолжи понатаму. Сираче, војник, кој губи се’ што е негово. Случајно или не, во животот на Соколов се појавува малиот Вања. Малото палаво детенце, кое своите родители ги изгубило во војната, толку му станува мило што решава да си го посвои за свое. Го излажал дека е негов татко. Но, тоа го усреќува малиот Вања. Го усреќува и Андреј Соколов. Од тој момент натаму, Соколов продолжува да го живее животот со полна пареа. Како ништо да не му се случило. Како минатото да не е реалност од неговиот живот.

Во реалистично дело, со толку многу хуманистички елементи во него, Шолохов ни испраќа многу силна порака. Не’ учи како да го сакаме животот. Никогаш не треба да губиме надеж и секој ден треба да го живееме како да ни е последен. Не успеваат само оние кои ќе се откажат. Реалноста е сурова, но треба да се трудиме да ја најдеме убавината во нашето постоење.

 

Напишал: Благица Постолова IV-2

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *