Убавината на неформалната едукација е во тоа што преку разни симулации и забава можеш да научиш многу. Еразмус + е одлична можност за сите млади индивидуи кои сакаат да работат на личниот развој. Почнувајќи од аплицирање за учество на проекти, организирање на самото патување, запознавање на различни луѓе и култури, стекнување на знаење за одредена тема. Имам учествувано на повеќе проекти од Еразмус + програмата, но дефинитивно највпечатливо искуство за мене беше проектот со наслов „Совет на Европската Унија“, кој се одржа на островот Гвадалупе, дел од Карибските Острови. Можноста да посетам една ваква неверојатна дестинација ја добив од страна на невладината организација Младински Борд. На самиот проект учествуваа неколку држави од Европа меѓу кои Франција, Романија, Бугарија и секако 7 претставници од Македонија. Нашата авантура најпрво започна со патување до Париз каде престојувавме неколку дена.
Од таму имавме лет директно до Гвадалупе. Патот беше долг, но поради возбудата и добрата екипа тоа воопшто не ни претставуваше проблем. Островот ме воодушеви со својата убавина. Имаше моменти кога не си верував на своите очи. Покрај преубавиот пејзаж, ме освои и топлината на локалците. Комуникативни, секогаш добро расположени и со желба да ни помогнат. Освен сите прошетки и истражувања на островот, запозавање со локалната култура, најважна ни беше самата тема на проектот. Подобро сфатив како функционира Европската Унија , какви се односите меѓу државите членки, дека не е секогаш лесно да се дојде до компромис. Секој проект си е приказна сам за себе, заедничко им е тоа што после секој завршен проект ќе бидете збогатени со нови интересни случки за прераскажување, нови знаења и нови животни лекции.